Петар Печков
Објавено: понеделник, 03 мај 2010
Повеќе стотина патници од Велес а многу повеќе од Чашка и регионот на Азот останаа на железничките станици во саботата на први мај откако возовите на Македонски железници повторно беа претесни да ги примат сите што купиле карта.
Возот кој рано утрото сообраќа од Скопје за Битола уште на скопските попатни станици бил преполн со патници, а кога стигнал во Велес патниците не дозволувале да се отворат и вратите од патничките вагони, бидејќи немало место ниту во купињата ниту во ходниците, тие да се сместат.
Немаше место каде да се качиме, ни продадоа карти а не можеа патниците да се качат, ова е нова срамота за МЖ. Секој празник исто се случува. Така беше из а Нова Година, Божик пред месец дена и за Велигден. Па може ли шест вагона да бидат доволни за толку многу народ. Води ли сметка раководството на МЖ за тоа кога на кој ден колку вагони пушта во промет, колку интерес има - велат луто патниците од велешката железничка станица.
Дел од нив празничниот викенд планирал да го мине во родните села од Богомила и околината, друг дел во планинарските домови во Папрадиште и Чеплес. Поради немањето на место во возовите на МЖ, патниците биле приморани да земаат такси и неколку пати со повисока цена од таа на железницата да стигнат до посакуваната цел, бидејќи регионот на Азот не е поврзан со автобуски превоз.
Во шумите на Јакупица каде нема ни светло ни службеници, се случува на железничкие постојки да мораа да чекаат пет часа за да се вратат дома . На Велигден поради малиот број на вагони патниците наместо попладнето, останаа да го чекаат вечерниот воз од Битола за да си заминат дома.
Tweet |